Правна поддршка за укажувачите

Правната помош и поддршка на укажувачите не е регулирана со Законот за заштита на укажувачите.

Сепак, бесплатна правна помош е предвидена во Законот за бесплатна правна помош.

Бесплатната правна помош може да биде примарна и секундарна. Примарната правна помош ја обезбедува овластено службено лице од Министерството за правда, овластено здружение и правна клиника. Примарната правна помош опфаќа: 

  • иницијален правен совет за правото на користење бесплатна правна помош,
  • општи правни информации, 
  • општи правни совети, 
  • помош при пополнување на барањето за секундарна правна помош, 
  • помош при пополнување формулари, 
  • подготвување претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот Правобранител и барања за заштита на слободите и правата до Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Секундарната правна помош е форма на бесплатна правна помош што ја дава адвокат регистриран во Регистарот на адвокати за секундарна правна помош. Секундарната правна помош опфаќа застапување во постапки пред суд, државен орган, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија и пред лица кои вршат јавни овластувања. Средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош се обезбедуваат од буџетот на Министерството за правда.

Право на примарна правна помош имаат сите физички лица кои живеат или престојуваат на територијата на Северна Македонија. Финансискиот критериум е клучен за добивање бесплатна правна помош. Укажувачите не се наведени како посебна категорија.

Корисни контакти: 

Министерство за правда PRAVDA.GOV.MK

Националното координативно тело за примена на Законот за бесплатна правна помош

PRAVNAPOMOS.MK

Регистар на адвокати за давање на правна помош

PRAVDA.GOV.MK

Регистар на здруженија за бесплатна правна помош

PRAVDA.GOV.MK

Регистар на правни клиники 

PRAVDA.GOV.MK

Законот, подзаконски акти – правилници, интерна процедура, Стратегија за промоција на системот за заштита на укажувачите, како и Софтвер за заштита на укажувачи се ставени на веб  страната на Државната Комисија за спречување на корупцијата DKSK.MK.  Годишните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата кои даваат информации за спроведувањето на законот за заштита на укажувачите може да се најдат на нејзината веб страна.

Законот за заштита на укажувачите и податоци за овластеното лице се ставени на веб страната на Министерството за внатрешни работи MVR.GOV.MK. На веб страната на Народниот правобранител покрај Законот за заштита на укажувачи, податоци за овластеното лице, ставени се и правилниците за заштитено пријавување OMBUDSMAN.MK

Информативни материјали за системот на укажувачи може да се сретнат на веб страните на институции или граѓански организации.

Информативни материјали може да се најдат на веб-страниците на Транспаренси Интернешнл Македонија TRANSPARENCY.MK и Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија SCOOP.MK.