Заштита на укажувачите од одмазда

На укажувачот и нему блиско лице им се обезбедува заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие или опасност од настапување на штетени дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување. Правата од работен однос примарно се заштитени, како што се заштита од дисциплинска одговорност и санкција, престанок на работниот однос, суспензија, прераспоредување на друго понеповолно работно место, дискриминација или друго, заштитата важи и за сите други права.

Законот предвидува дека одредбите во договорите за вработување и другите акти со кои се уредуваат работни односи и работни ангажмани, со кои се забранува пријавување на сомневање или сознание за казниво дело или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната или пак таквото пријавување се дефинира како прекршување на одредби за доверливост, лојалност и професионалност се сметаат за ништовни.

Дејствијата на одмазда против укажувачот може да претставуваат прекршок или кривично дело. Имено, во Кривичниот законик има посебно поглавје за кривични дела против работните односи (меѓу кои, Повреда на правата од работен однос - член 166, Повреда на правото на социјална сигурност - член 167). Покрај тоа, дејствијата на лицето што му се одмаздува на укажувачот може да се поврзат и со други кривични дела, во зависност од нивното манифестирање.

Покрај укажувачот и лицата блиски до него, заштита од одмазда е обезбедена и за лицата кои (погрешно) се осомничени дека извршилe пријавување.

Заштитени се соработниците на правдата како и лицата кои сведочат. Така, нe може да се преземе кривично гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуваат на постоење на корупција. Исто така, нa лицето што дало изјава или сведочело во постапка за коруптивно дело му се обезбедува заштита. Покрај тоа, лицето има право на надоместок на штета што може да ја претрпи тој/таа или член на неговото/нејзиното семејство поради дадената изјава или сведочење.

Посебна заштита имаат лицата кои професионално работат на спречување на корупција. Имено, нa лицата што работат во органите за откривање и сузбивање на корупцијата им се обезбедува целосна заштита и независност, заради ефикасно извршување на нивните овластувања и должности и врз нив не смее да се врши притисок во работата или во преземањето конкретни дејствија. Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси  особено ја потенцира заштитата и независноста на овластените лица за прием на пријави од укажувачи. 

Законот за вработените во јавниот сектор ги штити вработените во јавниот сектор кои усно или писмено пријавиле сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно  дека ќе се изврши кривично дело против службената должност или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната, им се обезбедува заштита и им се гарантира доверливост и анонимност.

Обврска за обезбедување на заштита за укажувачот има институцијата или правното лице каде е извршено пријавувањето со преземање на дејствија да се спречи повреда на правата. Ова вклучува заштита од повреда на правата од работен однос или било кое друго право, како и  воздржување од дејствија со кои се повредува или загрозува било кое право на  укажувачот заради извршеното пријавување. 

Заштитеното внатрешно пријавување во институциите во јавниот сектор е уредено со Правилник за заштитено внатрешно пријавување во институциите во јавниот сектор.

Заштитеното внатрешното пријавување во приватниот сектор се уредува со внатрешен акт на правното лице согласно Правилникот за насоки за донесување на внатрешни акти за заштитено внатрешно пријавување во правното лице во приватниот сектор.

Заштитеното надворешно пријавување е уредено со  Правилник за заштитено надворешно пријавување. Доколку на укажувачот не му е обезбедена заштитата од страна на институцијата односно правното лице каде е извршено внатрешното пријавување, укажувачот ова може веднаш да го пријави во:

  • Државната комисија за спречување на корупцијата;
  • Народниот правобранител;
  • Инспекцискиот Совет;
  • Министерството за внатрешни работи, и
  • Државното јавно обвинителство

Наведените органи имаат обврска од институцијата односно правното лице каде е извршено пријавуањето, да побараат известување за постоење на било каков вид на повреда на право на укажувачот и на членовите на неговото семејство, заради извршеното пријавувањето. Доколку се утврди повреда на правата на укажувачот тогаш наведените органи од институцијата односно правното лице бараат итно преземање на мерки за заштита на укажувачот со прекинување на дејствијата со кои се повредуваат правата на укажувачот.

Доколку се продолжи со повреда на правата на укажувачот тогаш наведените органи се должни без одлагање, најдоцна во рок од осум дена, да покренат:

  • постапка за кривично гонење,
  • постапка пред надлежните органи за разрешување, распоредување, сменување, или 
  • примена на други мерки на одговорност за избрани или именувани лица, службени лица и одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал.

Горенаведените органи спроведуваат административна заштита. 

Согласно законот, укажувачот има право на судска заштита. Судската заштита укажувачот може да ја оствари со тужба со која пред надлежен суд ќе бара:

  • утврдување дека е преземено штетно дејствие или е повредено право заради укажување,
  • забрана на вршење на штетно дејствие или повреда на право и повторување на штетно дејствие или повредување на право,
  • поништување на акт со кој е извршена штетното дејствие или повреда на право,
  • отстранување на последиците од штетното дејствие или повреда на право,
  • надоместок на материјална и нематеријална штета.

Постапката пред надлежниот суд е итна.

Во случај на спор за постоење повреда на право на укажувачот и на негово блиско лице заради пријавување, товарот на докажување е на страна на институцијата, односно правното лице кое ги повредило правата на укажувачот и на членовите на неговото семејство. Укажувачот не е должен да ја докажува добрата намера и вистинитоста на пријавувањето.