Клучни информации за укажувањето

Заштитено пријавување е откривање информации во корист и за заштита на јавниот интерес. Самиот термин „укажувач“ означува лице кое предупредува за одредени незаконски дејствија или неправилности.

Согласно Законот за заштита на укажувачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 196/2015, 35/18, „Службен весник на Република Северна Македонија“ 257/20, во натамошниот текст: Законот), заштитено пријавување е откривање информации со кои се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво, неетичко или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Укажувањето се врши: 

  • по волја на укажувачот, на начин утврден согласно закон
  • за заштита на јавниот интерес и
  • без надомест или награда. 

Укажувач е лице кое врши заштитено пријавување со добра намера. Пријавувањето неправилност се однесува како на јавниот така и на приватниот сектор, односно ги опфаќа сите регистрирани правни лица.

Има неколку категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи: 

  • лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува;
  • кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата односно правното лице за каде пријавува;
  • лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува;
  • лице кое по било кој основ е или било ангажирано за извршување на работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува;
  • лице кои по било кој основ е или било во деловен однос или друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува;
  • лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.

Согласно законот, на укажувачот и на нему блиско лице им се обезбедува заштита од било каков вид на повреда на право, при утврдување одговорност, санкција, престанок на работен однос, суспензија на работно место, распоредување на друго работно место кое е понеповолно, дискриминација или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување.

Како блиско лице се сметаат брачниот и вонбрачниот другар, роднините по крв во права линија, роднините во странична линија заклучно до трет степен, како и роднините по сватовство заклучно до втор степен, посвоеник и посвоител и друго лице кое заштитеното лице го смета за блиско лице и за кое се бара да биде заштитено согласно закон.

Покрај тоа, правото на заштитата е проширено и ги опфаќа и лицата кои ќе сторат веројатно дека оној кој е пријавен може (погрешно) да се сомнева дека извршилe пријавување против него.

Заштитеното пријавување од страна на укажувачи може да биде анонимно.

Забрането е откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач без негова согласност, освен кога тоа се бара со судска одлука кога е неопходно потребно за водење на постапка пред надлежен орган.

Лицето овластено за прием на пријави од укажувачи, раководителот на институцијата, управителот на правното лице и секој што ќе дојде до доверливи информации за идентитетот на укажувачот е должен да ги заштити. Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да ги заштити податоците за укажувачот, односно податоците врз основа на кои може да се открие идентитетот на укажувачот, освен ако укажувачот се согласи на откривање на тие податоци, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.

Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно во текот на примањето на информациите да го извести укажувачот дека неговиот/нејзиниот идентитет може да биде откриен на надлежниот орган, како и да го извести за мерките за заштита на учесникот во кривичната постапка. За откривањето на идентитетот на укажувачот врз основа на донесена судска одлука, овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да го извести укажувачот пред откривањето на идентитетот.

За нарушување на доверливоста на податоците за идентитетот на укажувачот е предвидена парична казна, односно глоба во износ од 250 до 10.000 евра во денарска противредност ќе му се изрече на поединец, институција или компанија/правно лице.

Како неправилност се пријавува сè она што го повредува или го загрозува јавниот интерес, и тоа:

  • Сомневање или сознание за корупција, 
  • Сомневање или сознание за какво било друго кривично дело или прекршок,
  • Загрозување на владеењето на правото, 
  • Сомневање или сознание за повредување на слободите и правата на човекот и граѓанинот,
  • Загрозување на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, 
  • Загрозување на здравјето и безбедноста, 
  • Загрозување на животната средина и на природата.

Повреда на јавниот интерес означува реализирано штетно дејствие врз вредноста која се штити, додека загрозувањето се однесува на создавање опасност од повреда на заштитеното добро или вредност. 

Пријавувањето неправилности со кои се повредува или загрозува јавниот интерес може да се однесува како на извршени дејствија, дејствија кои се во тек, така и на дејствија за кои е веројатно дека ќе се извршат. Тоа значи дека се опфатени и дејствијата или пропуштањата кои сè уште не се случиле. 

Согласно законот, заштитеното пријавување укажувачот врши со добра намера која укажувачот не е должен да ја докажува. Не се потребни докази за точност на информацијата од пријавата, туку само кај укажувачот да постои разумно уверување во времето на пријавувањето дека, информациите содржани во пријавата биле вистинити.

Согласно Правилникот за заштитено внатрешно пријавување во јавниот сектор, откако овластеното лице за прием на пријави од укажувачи ќе ја прими пријавата врши проценка, односно дали пријавата е логична, разумна и дали содржи доволно елементи за понатамошно постапување. Доколку во прилог на пријавата се поднесени докази тоа ќе го олесни надлежното постапување. 

Од укажувачите не се бара да докажат дека дејствувале со добра намера и дека нивната пријава е вистинита.

Заштитата на укажувачите може да биде административна и судска.

Институцијата или правното лице каде е направено пријавувањето има примарна обврска да обезбеди заштита на укажувачот. 

Доколку на укажувачот не му е обезбедена заштитата од страна на институцијата односно правното лице каде е извршено пријавувањето, укажувачот ова може веднаш да го пријави и да побара заштита од Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител, Инспекцискиот Совет, Министерството за внатрешни работи и Државното јавно обвинителство. 

Укажувачот може да побара судска заштита со поднесување тужба. Судската постапка е итна.

Злоупотреба на пријавувањето од страна на укажувачот е свесно пријавување невистинити информации за физичко или правно лице со цел предизвикување на штетни последици за истото.

Злоупотреба на пријавувањето од страна на укажувачот е и доколку со должно внимание и совесно, до степен до кој тоа го дозволуваат околностите, не проверил дали тие се точни и веродостојни. 

Со утврдување на злоупотребата укажувачот ја губи заштитата која е утврдена за укажувачите согласно Законот. Злоупотребата на пријавувањето поради која настанале штетни последици за физичкото или правното лице е основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност.  

Во законот не е конкретно наведено дека заштитата и понатаму се применува доколку пријавувањето невистинити информации настанало како резултат на искрена грешка, односно доколку лицето не било свесно дека информациите не се вистинити. За укажувачот е доволно да биде разумно уверен дека информациите што ги пријавува се вистинити во моментот на поднесување на пријавата. Заштитата утврдена со Законот за заштита на укажувачи престанува доколку пријавувањето претставува злоупотреба на заштитеното пријавување.  

Законот за заштита на укажувачите не содржи казнени одредби за свесно лажно пријавување. Санкции може да се применат согласно други закони, на пример, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета или Лажно пријавување кривично дело - член 366 од Кривичниот законик. Надоместокот се однесува и на материјалната и на нематеријална штета.

Согласно законот, на укажувачот и на нему блиско лице им се обезбедува заштита од било каков вид на повреда на право, при утврдување одговорност, санкција, престанок на работен однос, суспензија на работно место, распоредување на друго работно место кое е понеповолно, дискриминација или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено пријавување. Заштитата од друга одговорност, граѓанска или кривична, во врска со укажувањето не е конкретно регулирана со Законот.