Постапки за укажување

Заштитеното пријавување може да биде: внатрешно, надворешно или јавно пријавување.

Заштитено внатрешно пријавување укажувачот врши во институцијата за каде има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Под услови пропишани со закон, укажувачот може да изврши пријавување и надвор од институцијата, односно правното лице, за каде го врши пријавувањето. Таквото пријавување се смета за заштитено надворешно пријавување. Заштитено надворешно пријавување укажувачот може да го врши со пријавување до: Министерството за внатрешни работи, Јавно обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител или други надлежни институции, односно правни лица, доколку:

  • пријавувањето е непосредно или посредно насочено против раководното лице во институцијата, односно правното лице за каде пријавува или
  • укажувачот во врска со пријавувањето не добие информација за преземени мерки законски утврдениот рок или
  • не се преземени мерки или укажувачот не е задоволен од постапувањето или се сомнева дека нема да се преземат мерки или дека заштитено внатрешно пријавување ќе предизвика штетни последици по него или по негово блиско лице.

Укажувачот може да врши заштитено јавно пријавување со правење јавно достапни информации  за незаконска или забранета активност, која била спроведена, се спроведува или може да се спроведе доколку:

  • заштитеното внатрешно и надворешно пријавување е оневозможено поради невоспоставенa  постапка, односно  постапка за прием на пријави согласно закон или
  • укажувачот по заштитеното внатрешно и надворешно известување не добил информација за преземени мерки во законски утврдениот рок или
  • не се преземени мерки или постои лесно препознатлива опасност од уништување докази или прикривање одговорност.

Укажувач кој  врши заштитено јавно пријавување не смее да ги прави јавно достапни

  • личните податоци на субјектот кои не се од значење за заштитеното пријавување;
  • податоците односно информациите кои согласно закон се сметаат за класифицирани информации, согласно прописите за класифицирани информации, како и податоци односно информации со кои се загрозува водење на кривична, прекршочна или граѓанска постапка, доколку тоа е непосредно и лесно препознатливо;
  • податоците односно информации со чијашто јавна достапност се повредува или загрозува националната безбедност, одбраната на независноста или територијалниот интегритет на Република Македонија.

Заштитено внатрешно пријавување укажувачот врши во институцијата, односно правното лице, за каде има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело, или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Пријавувањето се врши кај овластеното лице за прием на пријави од укажувачи. Тоа е лицето кое е овластено од раководното лице на институцијата односно правното лице да постапува по пријави од укажувачи. Доколку раководното лице не овласти лице за прием на пријави од укажувачи, како што е утврдено во законот, тогаш тоа самото ја презема улогата на овластено лице.

Заштитеното внатрешно пријавување во институциите од јавниот сектор е регулирано со подзаконски акт - Правилник за заштитено внатрешно пријавување во институциите од јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2016, https://www.slvesnik.com.mk/ Issues/e30339a7d6d746969df12373a759fccb.pdf), додека заштитеното внатрешно пријавување во приватниот сектор е регулирано со интерен акт на правното лице со најмалку 10 вработени што треба да биде во согласност со Законот за заштита на укажувачите и подзаконскиот акт - Правилник за насоки за донесување на внатрешни акти за заштитено внатрешно пријавување во правното лице во приватниот сектор, („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2016, https://www.slvesnik.com.mk/Issues/e30339a7d6d746969df12373a759fccb.pdf). 

Наведените интерни акти треба да бидат јавно достапни за сите вработени во институцијата или правното лице.

Заштитено внатрешното пријавување укажувачот го врши усно на записник или во писмена форма (по пошта или електронски) до овластеното лице за прием на пријави од укажувачи.

Законот не определува формулари, но во Правилникот за заштитено внатрешно пријавување во институциите од јавниот сектор и во Правилникот за заштитено надворешно пријавување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2016 https://www.slvesnik.com.mk/Issues/e30339a7d6d746969df12373a759fccb.pdf) е определено доколку пријавата е добиена усно овластеното лице составува записник и во него внесува: 

  • податоци за укажувачот,  
  • податоци за лицето односно субјектот против кој укажувачот пријавува, 
  • опис на казниво или друго незаконито и недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес, како и 
  • начин на комуникација помеѓу овластеното лице и укажувачот, предложен од  укажувачот.

Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно раководното лице во институцијата, односно правното лице е должно:

  • да постапува по пријавите со почитување на процедурите утврдени со актот за внатрешно пријавување;
  • да ги заштитат личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој пријавува анонимно или доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци;
  • да го информира укажувачот, кој е познат, за преземените мерки во врска со пријавата без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата.

Раководното лице во институцијата односно правното лице обезбедува независност во работата на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи. 

Oвластеното лице врши прием на пријави доставени директно до него/неа од укажувач

заради заштитено внатрешно пријавување. Доколку пријавата е добиена усно, овластеното лице составува записник. Содржаната на записникот се потврдува со потпис на укажувачот и овластеното лице за прием на пријави. Овластеното лице ја заведува примената пријава со ставање посебен приемен штембил и евидентирање на пријавата во посебниот деловодник.

Доколку се работи за пријава по која е надлежна да постапува друга институција, овластеното лице е должно најдоцна во рок од 8 дена да ја заведе и да ја проследи до надлежната институција. Овластеното лице ја проследува пријавата до службеното лице на институцијата откако претходно ќе ги издвои личните податоци и други податоци кои може да го откријат идентитет на укажувачот, доколку истиот барал да остане доверлив.

Овластеното лице го известува раководното лице на институцијата/субјектот за наводите од содржината на пријавата и заклучоците, освен ако овластеното лице при вршењето на проценката нé заклучи дека наводите од содржината на извештајот се непосредно или посредно насочени против раководното лице. Во тој случај, пријавата се проследува до надлежната институција (на пример, Јавното обвинителство, Министерство за внатрешни работи или друга надлежна институција) согласно Законот.

Доколку до овластеното лице од страна на укажувач е пријавено  кривично дело против државата, против човечноста и меѓународното право или од областа на организираниот криминал, за чие докажување е потребно укажувачот да сведочи, тогаш, по претходна писмена согласност на укажувачот, овластеното лице до надлежните институции (пример, Министерство за внатрешни работи, Јавно обвинителство) иницира постапка за вклучување на укажувачот во Програмата за заштита на сведоци.

Овластеното лице е во постојана комуникација со укажувачот, при тоа:

  • го известува за текот како и за дејствијата кои се преземени во текот на постапувањето по пријавата,
  • му овозможува увид во списите на предметот, прибавени во текот на постапувањето,
  • го известува за исходот од постапувањето по пријавата.

Заштитеното надворешно пријавување се врши доколку: 

  • пријавувањето, непосредно или посредно, е насочено против раководното лице во институцијата или правното лице за каде пријавува;
  • укажувачот во врска со пријавувањето што го направил во институцијата или правното лице за каде што пријавува, не добие информација за преземени мерки во законски утврдениот рок;
  • не се преземени мерки;
  • укажувачот не е задоволен од постапувањето;
  • пријавувањето што го направил во институцијата или правното лице за каде пријавува ќе предизвика штетни последици по него или нему блиските лица. 

Заштитено надворешно пријавување укажувачот може да го врши со пријавување до:

  • Министерството за внатрешни работи, 
  • надлежното јавно обвинителство, 
  • Државната комисија за спречување на корупцијата, 
  • Народниот правобранител или
  • други надлежни институции, односно правни лица.

Постапувањето на институциите надлежни за заштитено надворешно пријавување, покрај со законот, е регулирано и со подзаконски акт - Правилник за заштитено надворешно пријавување („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2016, 

https://www.slvesnik.com.mk/Issues/e30339a7d6d746969df12373a759fccb.pdf). 

Раководното лице пропишува внатрешни процедури за прием на пријави од укажувачи, издвојување и обработка на податоците од пријавите и презема мерки за обезбедување заштита на личните и други податоци кои се однесуваат на укажувачи и на пријави од укажувачи, а применувајќи ги прописите за заштита на личните податоци и заштита на класифицирани информации.

Раководното лице на овластеното лице му обезбедува независност во работата.

Овластеното лице врши прием на пријави доставени директно од укажувач или доставени од овластено лице од друга институција, во писмена форма (доставени лично или преку посебно поштенско или електронско сандаче) или усно (со прилог писмени записници од лицето кое постапува по пријавата на укажувачот).

Заведувањето на примените пријави овластеното лице го врши со ставање посебен примен штембил и евидентирање во посебен деловодник.

Постапувајќи согласно законот и пропишаните процедури, институцијата или правното лице каде е извршено надворешното пријавување најнапред треба да процени дали е надлежено да постапува во врска со пријавувањето и доколку утврди дека не е надлежно, во рок од осум дена од денот на приемот, ќе ја проследи информацијата до надлежниот орган и за тоа ќе го информира укажувачот.

По приемот и заведувањето на пријавата овластеното лице без одлагање врши проценка на содржината на пријавата за да утврди дали истата е логична и разумна, дали претставува пријава од укажувач согласно Законот за заштита на укажувачи како и дали пријавата содржи доволно елементи за да биде проследена за понатамошно постапување. Доколку пријавата е логична, разумна и содржи доволно елементи за понатамошно постапување овластеното лице презема мерки во согласност со неговите надлежности.

Доколку пријавата е поднесена до повеќе институции тие меѓусебно соработуваат и ги координираат активностите, разменуваат искуства како и правна и стручна помош, планираат и договорно преземаат активности од нивна надлежност по прашањата изнесени во пријавата. Се препорачува укажувачите во своите пријави да забележат кои други институции ги информирале за неправилноста.

Институциите односно правните лица до кои укажувачот извршил заштитено надворешно пријавување се должни во рамките на своите надлежности да постапат по пријавата, да ги заштитат личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој пријавува анонимно или доверливо, а за преземените мерки да го информираат укажувачот најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата.

Покрај тоа, институцијата односно правното лице до кое укажувачот ја доставил пријавата е должна:

  • на барање на укажувачот да му даде известување за текот и дејствијата кои се преземени во постапувањето по пријавата, како и да му озвозможи на укажувачот, согласно закон, увид во списите на предметот, и
  • по завршувањето на постапката, да го извести укажувачот, кој е познат, за исходот на постапувањето по пријавата. 

Заведувањето на примените пријави овластеното лице го врши со ставање посебен примен штембил и евидентирање во посебен деловодник.

Во законот се пропишани глоби, и тоа:  

  • за овластени лица кои не постапиле по пријава согласно утврдената постапка, не ги заштитиле личните податоци на укажувачот или не го информирале за преземените мерки  (од 100 до 500 евра), 
  • за организации кои не ги прават јавно достапни актите за заштитено внатрешно пријавување (од 250 до 2.000 евра, во зависност од бројот на вработени во институцијата, односно правното лице, додека за раководното лице од 250 до 500 евра).
  • за институциите односно правните лица за заштитено надворешно пријавување кои не постапуваат по пријавата на укажувачот согласно закон, вклучувајќи и во однос на заштитата на личните податоци на укажувачот (од 5.000 до 10.000 евра), глоба за лицата овластени за прием на пријави од укажувачи (500 евра), како и за институции или правни лица кои постапуваат спротивно на одредбите што предвидуваат преземање мерки за заштита на личните или други податоци што го откриваат идентитетот на укажувачот (од 1.000 до 10.000 евра, во зависност од бројот на вработени во институцијата, односно правното лице), 
  • за јавни институции кои не доставуваат полугодишни извештаи за случаи на укажување (од 1.000 до 4.000 евра) и за нивните раководни лица (500 евра).

Укажувачот може информацијата да ја направи јавно достапна (преку печатени или електронски медиуми, социјални мрежи) доколку: 

  • не му е овозможено внатрешно или надворешно пријавување поради невоспоставена процедура, односно постапка за прием на пријави согласно закон, 
  • во законскиот рок не добил информација за преземените мерки по извршено внатрешно односно надворешно пријавување,
  • по извршеното внатрешно односно надворешно пријавувањето не се преземени мерки, или
  • постои „лесно препознатлива опасност“ од уништување докази или прикривање одговорност.

Согласно законот, при заштитеното јавно обелоденување /пријавување укажувачот не смее да ги направи достапни:

  • личните податоци на субјектот кои не се од значење за заштитеното пријавување,
  • информациите што се сметаат за класифицирани,
  • информациите со кои се загрозува водење на кривична, прекршочна или граѓанска постапка, 
  • информациите со кои може да се повреди националната безбедност.  

Лицата кои не ја почитуваат оваа одредба ја губат правната заштита.